Срцето на почината 40-годишна дарителка почна да чука кај 39-годишна пациентка во 11.30 часот утринава, по петчасовна сложена операција на државна кардиохирургија. Со што успешно заврши третата трансплантација на срце во земјава која ја изврши тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев и д-р Тања Анѓушева и Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска. Министерот Филипче објави на фејсбук:
„Почна да чука новото срце во градите на 39 годишната жена на која утрово и беше извршена трансплантација. Тешката операција траеше 5 часа, а следните 48 часа се критични“, напиша Филипче на Фејсбук.
Веста дека операцијата е завршена прв ја објави д-р Митрев.
„Кога е човечки живот во прашање, не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден. Тимот лекари придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа. Станува збор за жена во 40-тите чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 39-годишна жена. Исто така се очекуваат уште две бурежни транспланатации во текот на денешниот ден“, напиша д-р Митрев.
Ова е првата жена кај нас што доби ново срце. Во сите три случаи и кога пациентите беа мажи, дарителки на срце се жени. Првиот донор на срце беше Емилија Динева, а вториот Верица Белчовска.
