„Постапете како да сум Ваше дете“ – напиша во фејсбук Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза, обраќајќи им се на премиерот, владата и претседателот на државата. Бара од државните функционери да му го обезбедат потребниот лек, бидејќи, како што напишал, повторно ќе се врати во болница.
„На никој не би му посакал на ваков начин да ги остварува своите права за Работа и Лек на социјалните мрежи и медиумите. Верувајте тоа е крајно ПОНИЖУВАЧКИ
Уште колку време треба да чекам за Лекот #ТРИКАФТА и за Пристојно работно место, НЕ било какво…
Или повторно чекате да се вратам во болнички кревет
ПОСТАПЕТЕ како да сум Ваше дете!!!“, стои во објавата на Пехчевски.
Од Влада на РСМ велат дека административните процедури за итна набавка на лекот Трикафта се завршени и наскоро се очекува лекот да им го достават на пациентите со цистична фиброза.
„Испораката на лекот Трикафта за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек.
За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот Трикафта за критичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.“, велат од Владата.
Инаку пред една недела 45 годишен пациент со цистична фиброза почина поради недостигот на лекот. Во нашата земја околу 140 лица боледуваат од оваа болест.
