Паузата што ја обезбеди се уште нерегистрираната Комора на трговци на големо и мало околу замрзнувањето на маржите на 10 отсто, што требаше да се случи вчера од страна на Владата, денеска беше искористена од сите маркети и дистрибутери за дополнителен притисок врз власта. На состанокот во Министерството за економија се појавија сите мали, средни и големи играчи од кои зависат цените во маркетите. Тие побараа да не се замрзнуваат маржите на мало и на големо за околу 100 групи производи, што би опфатило над една илјада поединечни производи, туку да се одредат минимални цени само на одреден број производи кои граѓаните најмногу ги купуваат, а се неопходни за живот.
„За секојдневните производи. Нека бидат 50, 100. Меѓутоа ние викаме нека бидат и 200 производи, меѓутоа да биде реално намалување, значи сега во договор со добавувачите и производителите да направиме реално намалување каде што стварно ќе се гледа дека производот е намален и е достапен до крајниот купувач“, изјави Даница Блажевска од Рептил маркети.
Блажевска вели дека со овој предлог драстично ќе се намалат цените на најпродаваните прехранбени производи, детергенти и бебешка храна, но нема да се замрзнат цените на премиум, скапите производите кои ги купуваат побогатите граѓани.
Барањата на трговците и на дистрибутерите ги слушнаа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со заменик министерот
Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат
Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција.
Дали ќе бидат прифатени овие барања на маркетите и на дистрибутерите, ќе се знае во понеделник за кога е закажана нова средба.
Инаку, денеска излезе податокот за инфлацијата во јануари и таа покажува дека во споредба со истиот месец лани цените се зголемиле за 4,9 насто, а кај храната за 5,7 насто. Ако се спореди пак јануари 2025 со инфлацијата декември 2024 има незначителен пораст од 0,2 насто, а кај храната од 0,1.
