Самитот на Берлинскиот процес за земјите од Западен Балкан има голема важност бидејќи оттаму лидерите на шесте земји од регионов се враќаат со три договори кои ќе имаат големо влијание за унапредувањето не само на напредокот на земјите, туку и на регионалната соработка. Германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на Самитот во Берлин порача дека заедничката иднина без граници е клучна за Западниот Балкан и дека овој процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и дека ќе го забрза патот на државите кон Европската унија.
„Денеска, вие лидерите на трите земји на Западен Балкан правите три големи чекори со потпишувањето на трите многу важни договори, договори кои ќе придонесат животот на луѓето да биде полесен. Заедничкиот регионален пазар ќе ја зголеми економијата и инвестициите во регионот. Договорите ќе им овозможат на граѓаните да ги преминуваат меѓусебните граници само со лични карти. Ќе бидат сигурни дека студентите од Сараево ќе ги завршат студиите во Белград или инженерите од Тирана ќе ја искористат својата диплома и ќе добијат понуда за работа во Скопје“, вели Олаф Шолц.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која исто така присуствуваше на Самитот, објави на својот твитер профил дека е среќна што ги гледа заедно лидерите на Западен Балкан и порача дека сега е време да се продлабочи економската интеграцијата на регионот.
„Добро е што ги видов сите партнери од Западен Балкан во Берлин, една недела по мојата посета на регионот. Тука сме за да ја продлабочиме нашата економска интеграција, почнувајќи со енергијата. Нашиот пакет за енергетска поддршка од една милијарда евра за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме нашата заедничка енергетска иднина“, порача Урсула Фон Дер Лајен.
Премиерот Димитар Ковачевски обраќајќи се на Сесијата за регионална соработка и заеднички регионални пазари оцени дека овој Берлински процес е историски затоа што доаѓа во време на продолжена криза во која е потребна зајакната соработка меѓу земјите на Западен Балкан.
„Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори. Ни претстои сериозна работа, затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања“, додаде Димитар Ковачевски.
Во делегацијата на македонската Влада присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи кои во своите статус објави напишаа дека Берлинскиот процес добива нов замав и следниот период ќе даде многу одговори за насоката во која треба да се движат земјите од регионот, кои ја знаат важноста и потенцијалот на регионалната соработка.
