Три лица загинаа во напад на турски дрон врз членови на ПКК во северен Ирак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во напад на турско беспилотно летало загинаа тројца членови на Курдистанската работничка партија (ПКК) во северен Ирак доцна во саботата навечер, соопшти во неделата антитерористичката служба на Ирачки Курдистан.

Цел на нападот бил возило во планинска област во близина на северната ирачка провинција Дохук, а меѓу загинатите има и лице идентификувано од службата како „висок функционер на ПКК“, се вели во соопштението објавено од Ројтерс.

Турција редовно изведува воздушни напади против милитантите на ПКК во северен Ирак и има десетици воени бази на ирачка територија.

ПКК започна бунт против Анкара во 1984 година со првична цел да создаде независна курдска држава, а подоцна ги приспособи своите цели на барањата за поголеми права и ограничена автономија на Курдите во југоисточна Турција.