Три организации со барање за истрага за Мијалков, Спасовски вели дека работат на случајот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење и Фондацијата Отворено општество, бараат брза и темелна истрага за неколкудневното исчезнување на Сашо Мијалков. Сметаат дека е неопходно утврдување на одговорност од страна на надлежните власти, а едно од нивните барања е – санкционирање на сите раководни лица и службеници, кои не ги почитувале законските акти, со што помогнале Мијалков да биде недостапен за органите.

-Сметаме дека бегството се случи токму поради отсуството на соодветна реакција за пропустите и неажурноста на институциите, што овозможиле бегство од земјата на Никола Груевски, кој беше осуден на двегодишна казна затвор со правосилна пресуда во случајот познат како „Тенк“, како и на други три лица. Добиените сознанија за институционален пинг-понг и непотребни преписки од моментот кога се добиени индиции за бегство на обвинетиот Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, ја потврдуваат неажурноста на надлежните органи во борбата против криминалот-се вели во соопштението.

Велат дека ќе настојуваат на истраги со кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.

Првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски, вели дека во моментов ги обезбедуваат сите материјали и докази за Обвинителството за „отсуството“ на поранешниот шеф на тајната полиција.

Инаку, вечерта на 21 февруари, се појави информација дека Сашо Мијалков избегал, токму пред Судот да ја соопшти пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во кој тој е беше обвинет за нелегалното прислушување. Инаку, властите три дена трагаа по Мијалков, а по два дена сам се појави во скопското Обвинителство за да го подигне решението за домашен притвор. Рече дека не избегал, туку дека бил болен. Мијалков во моментов е во притвор во „Шутка“ правосилноста на пресудата, односно до почетокот на издржување на 12-годишната казна затвор која ја доби за нелегалното масовно прислушување.