Трипуновски за блокираните средства од ИПАРД 3: „Не Брисел туку Владата ги блокираше парите, а ЕУ нѐ пофали за тоа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во земјоделство нема да има никаков застој и покрај блокираните 130 милиони евра, пари од европските фондови, изјави министерот Цветан Трипуновски говорејќи за злоупотребите со ИПАРД 3 програмата во емисијата Клик плус на ТВ21. За ова Јавното обвинителство води постапка и целиот процес на проверка што се случувало го водиме ние како држава, вели Трипуновски. Тој тврди и дека Брисел не ги блокирал парите, туку дека Владата го сторила тоа, а Европската унија ја поздравила ваквата реакција.

„Паѓа во вода тезата дека Европа, односно Брисел ни ги блокира средствата. Не, напротив, ние сами ги стопираме сите процеси да провериме што точно се случувало внатре. Вие оваа проверка што ја правиме и ја пријавивме во Брисел одговорот од Брисел беше – одлично, добро е што брзо реагирате на вакви несакани појави, очекуваме да не известите што точно се случувало внатре во делот на вашата интерна проверка што ја правиме и таа проверка се уште трае внатре“, изјави Трипуновски.

Трипуновски во емисијата говореше и за злоупотреби со земјоделството, рече дека веќе се поднесени кривични пријави на претходните функционери во министерството.

„Во изминативе месеци имаме поднесено преку 6 кривични пријави до претходни функционери во Министерството и тоа со сериозни низа на докази кои што се веќе ставени пред јавните обвинители, односно пратени како кривични пријави за злоупотреба. Земате земјоделско земјиште, не го работите, дел од тоа го давате на трети лица, а ваму земате субвенции. И тоа збориме за некоја сума од над 20 милиони денари.“, рече Трипуновски.

Трипуновски уште додаде и дека има примери кога обработливо земјоделско земјиште доделено со концесија се злоупотребува за монтирање на фотоволтаици.