Трка за столчето на Вилма Рускоска – кои се кандидатите и каква програма имаат?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 163 обвинители од цела земја, на 7 ноември ќе гласаат за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За прв пат изборот ќе се спроведе според новиот закон за јавни обвинители, што значи дека главниот обвинител ќе се бира според гласовите од колегите обвинители. Републичкиот обвинител, Љубомир Јовески денеска им испрати писмо на сите обвинители, кои ќе гласаат по сопствено убедување, без влијанија и притисоци.

„Сметам дека ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна“, вели Љубомир Јовески.

Во трката за шеф на ова обвинителство се четворица кандидати, Вилма Рускоска која се кандидира за втор мандат, додека Ислам Абази, Едмонд Незири  и Деса Пауновска се кандидираат прв пат.

Ја прашавме обвинителката Рускоска зошто смета дека заслужува втор мандат на чело на ова обвинителство.

„Од извештајот на ЕК за 2019-2022 од областа на правдата, само Обвинителството за гонење организиран криминал и  корупција е оценето со највисока оцена. Имам целосна поддршка од меѓународната заедница и граѓаните. Секој ден кога ги среќавам на улица граѓаните ме поздравуваат и ми велат: Обвинителке не се откажувајте, издржете, не попуштајте. Покажав и докажав дека за мене не постојат недопирливи. Имав предмети за поранешни политички функционери како и сегашни. Во мојот мандат, правдата беше над се. Од тие причини повторно треба да бидам на чело на ова обвинителство“, порача Вилма Рускоска.

Кандидатот Едмонд Незири доаѓа од Скопското обвинителство. Тој вели дека подготвил програма која ја испратил во Советот на обвинители и до колегите обвинители од кои има поддршка.

„Според програмата, планирам подигање на динамиката на постапување на центарот за истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, интензивирање на финансиските истраги, транспарентност на постапките, зајакнување на персоналот и материјалните извори на обвинителството, етичка одговорност и подобрување на соработката со сите институции како МВР, Финансиската полиција, Агенцијата за финансиско разузнавање и Антикорупциката комисија“, вели Едмонд Незири.

Во интервју за А1.он, кандидатката Деса Пауновска рече дека треба да се смени начинот на функционирање на ова обвинителство.

„Начинот на работа на Обвинителството за следење организиран криминал и корупција секако треба да се смени. Тука има обвинители кои се исклучително добри, ја знаат својата работа и работат на тешки предмети. Меѓутоа има еден дел од обвинителите кои не се созреани, не сакаат и немаат желба да работат. Ова треба да се смени. Не и се обраќам на Вилма, но во мое време Обвинителството за организиран криминал, колегите го нарекуваа туристичка агенција и се уште немам впечаток дека е сменето мислењето“, вели Деса Пауновска.

Другиот кандидат со кого не успеавме да стапиме во контакт е обвинителот Ислам Абази од Гостивар.

Мандатот на суспендираната шефица Рускоска трае до 14 ноември, а за нејзина привремена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.