Тројца кандидати за претседателската позиција на СДСМ за изборите закажани на 30 јуни. Во партиското седиште претпладнево своите кандидатури ги поднесоа поранешниот министер за здравство Венко Филипче, екс министерката за одбрана Славјанка Петровска и првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Јован Деспотовски. Во трката за нов претседател на СДСМ тие најавија дека имаат програми како да го обединат членството, но и да ја подигнат партијата на нозе. Филипче во својата изјава истакна дека со денешните кандидатури симболично започнува почетокот на реформи, дека сега партијата е на колена, но повторно ќе ја возобнови. Сепак не криеше дека голема поддршка добил од поранешниот претседател Зоран Заев.
„Јас имам одлично комуникации буквално со сите членови на партијата и сметам дека е тоа еден од факторите кој што ќе влијае да даде брзи резултати односно брзо обединување. Слушам многу коментари во врска со поддршката од Зоран Заев, доколку бидам избран за претседател јас за многу кратко време ќе докажам дека ќе владеам целосно со мојот интегритет и достоинство. Тоа што имам одлични релации со Зоран Заев, пред се говори за мене. Јас имам одлични релации и со останатите“, вели Венко Филипче.
Официјален кандидат кој влегува во трката е и екс министерката за одбрана Славјанка Петровска. Како активен член на СДСМ 27 години и таа очекува поддршка од партиското членство членство, а објави и манифест за обнова и обединување на СДСМ.
„На ниту една држава, особено на Република Северна Македонија не и треба слаба опозиција или никаква опозиција. Затоа предизвика е пред се и над се Социјалдемократскиот сојуз да се исправи, да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ. Ќе повикам на разговор, ќе повикам на дискусија, ниедна причина за овој пораз кој сега го доживеавме не смее да остане скриена и не смее да остане да лебди некаде“, вели Славјанка Петровска.
А во “5 до 12” испраќајќи симболика за состојбите во партијата, изјава даде и Јован Деспотовски пред симболот на катастрофалниот земјотрес во Скопје. Рече како што градот се издигна од својата пепел така и СДСМ ќе се подигне во силна партија. Неговиот повик за заедничка декларација во која сите оние кои што ќе ја загубат трката за претседател на СДСМ да се откаже од сите идни партиски функции не беше прифатена од Филипче и Петровска оценувајќи ја како уште еден начин на разединување. Деспотовски најави и влада во сенка.
„Ќе формираме Влада во сенка која што ќе даде своја алтернатива, ќе даде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат. Ќе бидеме конструктивна опозиција во Собранието, ќе бидеме конструктивна опозиција во државата, нема да критикуваме по секоја цена, тоа е исто така нешто што ќе не разликува од досегашните практики во партијата и во државата. Јас денеска со поднесување на кандидатурата ќе поднесам изјава која што ја ветив дека нема да прифатам ниту една позиција во партијата доколку не бидам избран за претседател“, вели Јован Деспотовски.
Досега кандидатура за претседател на партијата поднесе и Златко Ристовски од Битола активист на СДСМ. Својата кандидатура претходно ја најавуваше и потпретседателот на СДСМ во оставка Стефан Богоев, но иако досега не ја поднел кандидатурата сепак рокот истекува утре.
