Тројца загинати Индијци по американските напади во Оманскиот залив

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тројца индиски морнари, кои претходно биле пријавени како исчезнати, го загубиле животот откако американската војска нападнала нафтен танкер во Оманскиот Залив, соопшти во четврток индиски федерален министер.

Танкерот „МТ Сетебело“ (MT Settebello), кој пловел под знамето на Палау, бил нападнат во средата откако американската војска го обвинила дека не ги почитува „наредбите на американските сили“. На бродот имало 24 членови на екипажот од Индија, од кои 21 се спасени.

Во објава на социјалната мрежа Икс, индискиот министер за поморски транспорт Сарбананда Соновал инцидентот го оцени како „длабоко трагичен“, додавајќи дека телата на тројцата морнари наскоро ќе бидат вратени во Индија.

По нападот во средата, индиската влада го повикала заменик-шефот на американската дипломатска мисија во Њу Делхи на разговор во Министерството за надворешни работи.

Американската војска го обвинила бродот „Сетебело“ за прекршување на американската блокада преку „обид за транспорт на нафта од Иран“.

Во објава на Икс, Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека авион го погодил бродот откако екипажот „повеќепати не ги почитувал дадените инструкции“.

Ова е втор брод со индиски екипаж што бил нападнат од САД оваа недела. Во понеделникот американските сили го нападнале нафтениот танкер „Маривекс“ (Marivex), исто така под знамето на Палау и со индиски екипаж, во Оманскиот Залив, бидејќи не ги почитувал американските инструкции, според CENTCOM.

Индиските власти соопштија дека сите 24 членови на екипажот на „Маривекс“ биле спасени од војската на Оман.

Американската војска го блокираше пристапот до иранските пристаништа откако Техеран практично го затвори Ормускиот Теснец, преку кој пред војната се транспортираа околу 20 проценти од светските испораки на нафта и гас.

Според CENTCOM, американските сили неутрализирале осум пловни објекти и пренасочиле уште 134 од почетокот на блокадата на 13 април.

Индиската влада, пак, порача дека „нападите врз трговскиот поморски сообраќај и цивилната инфраструктура во регионот мора да престанат“.

Во меѓувреме, тензиите меѓу Иран и САД не покажуваат знаци на смирување. Двете земји и во четвртокот, втор ден по ред, разменија напади, зголемувајќи го притисокот врз кревкиот прекин на огнот постигнат во април.

Во средата, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека силно ќе го нападне Иран, обвинувајќи го Техеран дека предолго го одложува потпишувањето мировен договор и дека „ги прави Американците будали“.