Тројца осомничени во случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар ќе останат зад решетки во наредните 30 дена, откако Основниот суд во Гостивар го прифати предлогот на Обвинителството за определување мерка притвор.
Одлуката е донесена по барање на Основното јавно обвинителство, а осомничените притворот ќе го издржуваат во КПУ „Затвор Скопје“.
Судијката Драгослава Веселинова соопшти дека судија на претходна постапка во целост го уважил предлогот за определување притвор за Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши, против кои се води истражна постапка.
Тројцата се товарат за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата“, а предлогот за нивно притворање го доставил јавниот обвинител Хазби Исени по преземените истражни дејствија.
Во образложението на судот се наведува дека мерката е определена поради сериозноста на кривичното дело, за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години. Дополнително, судот оценил дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоците кои допрва треба да бидат сослушани во текот на истрагата.
Со оваа судска одлука, тројцата осомничени остануваат во притвор додека институциите ја продолжуваат истрагата за случајот што доведе до епидемија и сериозна загриженост кај жителите на Гостивар.
