Трошановски: Францускиот предлог е штетен-За Димитров предлогот има само бугарски барања, а не европски вредности

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Под итно да се закаже седница во Собранието на која би се расправало за францускиот предлог, бара првиот човек на Институтот за демократија Марко Трошановски. Тој смета и дека Владата не треба да молчи и да смета дека земјите членки на Европската унија нема да прифатат да се внесат билатерални прашања во Преговарачката рамка, туку веднаш да побара корекции на овој документ. За Трошановски овој предлог е штетен за нашата земја, бидејќи токму Бугарија преку оценувањето на прогрес извештаите ќе го кочи целиот процес.

„Ова е преседан кој што досега никогаш не се случил и иако некои велат дека топката се префрла од Софија во Брисел сепак, Софија ќе има значително голем удел во изготвувањето на тие прогрес извештаи. Проблематизирањето кое што евентуално би се вградило во нив, особено од бугарска страна за македонската етнолингвистичка генеза, а очекувано е тоа да биде така, не ни гарантира дека во иднина таа декларација нема да биде злоупотребена во оценување повторно на нашиот прогрес во преговарачкиот процес и јазикот повторно нема да стане еден од условите за прогрес на Македонија“ вели Трошановски.

Со точката за внесување на Бугарите во македонскиот Устав од една страна не се запазува реципроцитетот на почитувањето на правата на Македонците во Бугарија, но од друга страна Европската унија навлегува во нешто што не е во нејзина надлежност, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики. Според неа многу е спорно и тоа што тука влегува и Мешовитата историска комисија преку Протоколот.

„ЕУ влегува во нешто што не е нивна територија. Значи малцинските прашања во ЕУ, домот нивни е Советот на Европа. Европската унија внатре нема регулирани стандарди за овие прашања особено Франција и Бугарија ги немаат, така што од тој аспект исто така се чувствуваме дека овој предлог задира во области каде што не би требало и креира преседани пред се. И со Историската комисија доколку влезе преку протоколот и со малцинските прашања кои што можат да бидат многу ризични за проширувањето на ЕУ во иднина“, вели Кацарска.

Поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров прашува како од германскиот а потоа и португалскиот предлог пропаднавме под нашите позиции и црвени линии. Сега и билатералните прашања влегуваат во Преговарачката рамка, како и условот прво внесување на Бугарите во македонскиот Устав па потоа да се почнат преговорите, вели тој и констатира дека францускиот предлог не не носи кон членство во Европската унија туку во тесно сокаче што е обременето со барањата на Бугарија.

„Не може во нашата Македонија ние да впишуваме бугарска заедница во Уставот на барање на Бугарија, а Бугарија за мнозинскиот народ, за македонскиот народ кој зборува македонски јазик уште не е на чисто со македонскиот идентитет. Проширувањето мора да биде врзано со реформи. Ако ставите внатре билатерална желботека се руши целата суштина. И затоа мислам дека после се што поминавме како народ и нација заслужуваме европска преговарачка рамка“, вели Димитров.

Францускиот предлог минатата недела беше доставен до сите земји членки, кои треба да се произнесат по него, меѓу кои и Бугарија односно ставот треба да го изгради Народното собрание.