Околу 12 часот напладне, царински службеник на тетовскиот царински терминал, при рутинска проверка слушнал гласови кои доаѓале од товарен камион. Луѓето кои биле внатре на турски јазик барале помош. Службеникот веднаш сфатил дека станува збор за мигранти кои на територијата на Северна Македонија влегле илегално. Тој веднаш ја известил полицијата и Брзата помош, бидејќи двајца мигранти не се чувствувале добро. Припадниците на тетовската полиција ги извадиле мигрантите од камионот на превозна компанија од Тетово, со кој управувал 25-годишниот А.С. од Горно Седларце.
Од СВР-Тетово, велат дека мигрантите заедно со возачот се лишени од слобода и дека се задржани во полиција за натамошно постапување.
Се мисли дека мигрантите товарени во камион влегле преку Грција, а некои од нив немале ниту документи за идентификација, но согласно податоците кои самите ги дале во полиција, станува збор за лица од 15 до 49 годишна возраст.
