Царинската управа информира дека во вторникот вечерта на граничниот премин Богородица е спречен обид за сериозен меѓународен криминал. При детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, во кровот на возилото, помеѓу лимот и тапацирот, беа пронајдени девет пиштоли, од кои пет со голема пробивна моќ, марка „Црвена Застава“.
Едно лице е лишено од слобода и по наредба на јавен обвинител се наоѓа во притвор. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое спроведе предистражни дејствија и поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик.
Царинската управа потенцира дека истрагата продолжува, а лицето останува во притвор додека трае постапката.
