Царовска: Утре почнува новата учебна година, 600 училишта со настава со физичко присуство, останатите со учење од далечина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во услови на пандемија предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид-19, утре официјално започнува новата учебна година во Република Северна Македонија. Согласно Планот и протоколите за организација кои ги подготвија институциите на системот во меѓусебна соработка и со поддршка на бројни засегнати чинители,  наставата ќе се реализира и со физичко присуство и од далечина. Ова денес на прес конференција го најавија министерката за образование и наука Мила Царовска, заедно со заменик министерот Арафат Шабани, продеканот на ФИНКИ Боро Јакимовски и координаторката за развој на Националната платформа за учење од далечина Александра Наќева Ружин.

Министерката Царовска потенцираше дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, како што рече, пандемијата предзвика тектонски промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Изрази благодарност до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекува соработката да продолжи и во периодот што следи.

„Верувам дека сите заедно, родители, ученици, наставници и локални власти треба да соработуваат во овој период на прилагодување на новиот начин на учење. Верувам дека и покрај предизвиците и проблемите со кои се соочуваме овие денови, ќе имаме успешна учебна година, дека ќе научиме нови вештини и дека квалитетот на образовниот процес ќе биде на високо ниво“, рече Царовска.

Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажа успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сé уште не се активни.