Бурхан Фазлиу, кој има 36 години е од Куманово. Сите, освен тој, од неговото седумчлено семејство имаат државјанство, освен тој. Во 2001, Фазлиу вели дека доставил барање за државјанство, но никогаш не добил ниту позитивен ниту негативен одговор од надлежните. Неговите родители добиле државјанство во 1996, а неговите браќа и сестри во 2000.
„Доставив барање за државјанство во 2001 година, никогаш не добив одговор. Само еднаш имам аплицирано и чекав одговор, но никогаш не добив. Цело семејство доби државјанство, јас не“, истакна Бурхан Фазлиу.
Фазлиу побарал одговор за судбината на неговите документи од СВР Куманово, но од таму му рекле дека неговите документи не постојат никаде.
„Полицијата во Куманово ми рече дека моите документи никаде не постојат. Побарав и во МВР Скопје, никаде не постојат тие документи, барањето што сум го доставил за државјанство. Сега ми велат да регулирам престој инаку не може да се прифати за втор пат барањето за државјанство“, додава Бурхан Фазлиу.
Вториот обид за добивање на државјанство му е оневозможен бидејќи му побарале да го регулира престојот за 6 години во Македонија.
„Фактички јас сум пријавен во Македонија 36 години. Нема потреба да регулирам престој бидејќи јас сум роден тука, 36 години живеам тука. Пак ми велат да регулирам престој, тоа е неприфатливо, јас сум жител, тука сум роден“, посочува Бурхан Фазлиу.
Фазлиу тврди дека како потврда дека живеел во Македонија 36 години му се изводот на родени, свидетелствата од училиштето, матичниот број и сите други документи, освен државјанството. Освен другите проблеми поради не поседување на државјанство, тоа му влијае и во приватниот живот бидејќи не може да се венча со девојка од Франција. Предлог законот за државјанство е доставен до Собрание во месец декември. Оттогаш опозицијата бара повикување на матично работно тело, Комисијата за политички систем, но таква точка не е предвидена на досегашните состаноци на оваа комисија.
