„Цементарница Усје го труе Скопје“ – Арсовска најавува кривична

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТИТАН Цементарницата – Усје го „труе“ Скопје со високото загадување на воздухот, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која најави и кривична пријава против овој субјект.

Таа рече дека лани во декември и на почетокот на јануари биле измерени трипати повеќе вредности од дозволеното количество на ПМ10 честички, а од котелот за загревање на цементарница било утврдено дека граничните вредности на азотни оксиди биле двојно надминати.

Арсовска најавува и засилени контроли и санкции против загадувачите. Таа вели дека во насока на намалување на нивото на аерозагадувањето, редовно се чистат дивите депонии, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз и се воведува ред во јавниот превоз во кој, како што објаснува, повеќе нема да можат да учествуваа возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди. Арсовска бара упис и редовно ажурирање на регистарот на загадувачи.

Ова е Извештајот за минатата недела од Цементарницата ТИТАН УСЈЕ. Од оваа фабрика ги негираат горенаведените обвинувања.

„Вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница Усје се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди.  На прес конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26. и 27. декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ“, велат од УСЈЕ.

Откако го заврши говорот за загадувањето и кратко за приватните превозници, Арсовска ја напушти прес-конференцијата без да одговори на новинарските прашања.

Инаку, пред три години, граѓаните се кренаа на протест, блокирајќи го влезот на цементарницата и побараа законски да се забрани увозот на отпад за согорување. Генералниот директор на Цементарницата, Борис Кисафов, изјави дека фабриката работи согласно сите европски стандарди и дека поседува А-интегрирана дозвола.