Цените на златото денеска пораснаа втор ден по ред, како одраз на зголемената побарувачка на инвеститорите за безбедното средство во услови на ескалација на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина. Една унца злато на физичкиот пазар во вторникот попладне се тргуваше по цена од 2.637 долари, што е највисока од 11 ноември и за еден процент повисока од вчерашното затворање на трговијата.
За ист процент порасна цената на златото на американскиот пазар, на 2.641 долар за унца. Златото обично поскапува во време на геополитичка неизвесност и во услови на ниски каматни стапки, потсетува Ројтерс.
Во понеделникот цената на златото порасна за два отсто, поттикната од вестите кои сигнализираа ескалација на руско-украинската војна и напнатоста во руско-американските односи.
Американските медиуми во саботата објавија дека кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден ја овластил Украина да користи американски ракети АТАКМС длабоко на руска територија.
Русија во неделата го изврши најголемиот воздушен напад во Украина во последните три месеци, предупредувајќи го Вашингтон на опасност од директен конфликт.