Малопродажните цени на дизелот во Соединетите Американски Држави го достигнаа највисокото ниво за речиси две години, според податоците на Американската автомобилска асоцијација (AAA), истакнувајќи го влијанието на прекините во снабдувањето од Блискиот Исток.
Просечната малопродажна цена на дизелот денес изнесуваше 4,166 долари за галон, што е за 3,2 проценти повеќе од вчерашниот просек, соопшти Американската автомобилска асоцијација (AAA).
Споредбата со минатата недела, пред нападот на САД и Израел врз Иран, покажува зголемување на цената од околу 11 проценти. Во споредба со минатогодишниот просек, дизелот е поскап за речиси 14 проценти.
Цените на бензинот, исто така, се зголемија, при што просечната цена на бензинските пумпи во четврток изнесуваше 3,251 долар за галон. Тоа значи дека беше за 1,6 проценти поскапа од вчерашниот просек, според AAA. Споредбата со минатонеделниот просек покажува зголемување на цената од девет проценти. Во споредба со минатогодишниот просек, неговата цена е повисока за 4,6 проценти.
Ормутскиот теснец под иранска контрола
Дизелот се користи првенствено во производството и товарниот транспорт, а неговата цена нагло се зголеми по нападот на САД и Израел врз Иран во саботата. Техеран возврати со испукување ракети и беспилотни летала врз Израел и американските бази во земјите од Персискиот Залив, водечки производители на нафта и гас.
Иранската војска, исто така, во вторникот објави дека ја презема контролата врз Ормутскиот теснец, низ кој минуваат 20 милиони барели нафта дневно и една петтина од светските залихи на течен природен гас.
Залихите на дизел во САД моментално се ограничени поради недостаток на капацитет за рафинирање и голема побарувачка во зимските месеци.
Дизелот е поранлив на конфликти на Блискиот Исток
Пазарот на дизел е поранлив на конфликти на Блискиот Исток бидејќи поголемиот дел од нафтата од тој регион е особено погоден за негово производство, објаснува директорот на StoneX, Алекс Ходес.
Според фирмата за следење на товарот Vortex, производителите во Персискиот Залив испорачуваат околу 900.000 барели дизел дневно и околу 350.000 барели гориво за авиони. Ова одговара на приближно 20 и 10 проценти од глобалните пратки испратени до клиентите по море.
Ризик за Трамп пред изборите за Конгресот
Растечките цени на горивата претставуваат сериозен ризик за претседателот Доналд Трамп и републиканците пред ноемвриските избори за Конгресот. Многу Американци се борат со повисоките трошоци за живот, а речиси половина од испитаниците во анкетата на Ипсос рекле дека би било помалку веројатно да ја поддржат кампањата на Трамп во Иран ако цените на бензинот и нафтата во САД се зголемат, според Ројтерс.
Цените на бензинот имаат психолошко влијание, објаснува Марк Малек, главен инвестициски директор на „Сиберт Фајненшл“, а граѓаните гледаат инфлација во нив, ден по ден, додава тој.
