Бојкотот не е опција за коалицијата ВРЕДИ тврди Изет Меџити, но и покрај ова, тие нема да ги повикаат своите поддржувачи за да излезат во вториот круг на претседателските избори, со што би се гарантирал исполнување на цензусот од 40 проценти потребен за избор на претседател. Меџити ја обвини ДУИ дека тие се залагаат за бојкот на изборите, но сепак додава дека излезноста во вториот круг ќе биде уште поголема.
„Не не, значи на 8 мај јас мислам дека излезеноста ќе биде уште поголема, дека заедно со парламентарните избори. Бојкот повикуваат тие што цело време го имаат изгубено целосно компасот. Тие повикуваат на национална влада за спас, де на бојкот, ако ги следите цело време ги менуваат нивните ставови и веќе не треба да се сфатат ни сериозно“, порача Изет Меџити.
Но од Европски фронт велат дека тие ќе ги повикаат граѓаните да излезат на избори но гласот да го дадат според сопствено убедување.
„Ние ќе ги повикаме сите граѓани да учествуваат во избирачкиот процес и да одлучуваат според своите вреднувања, своите приоритети. Имаме толку демократско искуство и верувам дека сите граѓани ќе можат да ги препознаат помеѓу кандидатите своите приоритети, кој од кандидатите што се во вториот изборен круг ќе ги исполнат нивните очекувања“, вели Елми Азири.
Дали како опција е можно со тивок бојкот на албанското гласачко тело да не се избере претседател и со тоа да се размислува за избор во Собранието.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека ова е една од опциите на ДУИ, но е убеден дека цензусот ќе биде исполнет и дека ќе се избере претседател.
„Се сеќавате, ќе ве потсетам на ставот на ДУИ и на Али Ахмети дека тие нема да гласаат односно ќе имаат бојкот во вториот круг претседателски избори ако не биде нивниот услов за избор на претседател во парламентот задоволен. Сега се обидуваат да направат определена акробација и викаат дека да, ние нема да го бојкотираме вториот круг но ќе бидеме на страна и нема да го повикаме членството или поддржувачите наши да гласаат“, вели Христијан Мицкоски.
Вториот круг на претседателските избори треба да се одржи во среда на 8 мај заедно со парламентарните избори. За изборот на претседател потребен е цензус од најмалку 40 проценти излезност на гласачите во земјава.
