Густ црн чад утрово се издигна над Водно, откако на видиковецот на Средно Водно се запали двокатен автобус на ЈСП „Скопје“. Станува збор за автобус од линијата 25, која сообраќа до Средно Водно.
Пожарот го потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој информираше дека скопските пожарникари интервенираат на местото и работат на гаснење на автобусот.
„Во моментов, на видиковецот на Водно има запален двокатен автобус на ЈСП. Скопските пожарникари работат на негово гаснење, очекувам набргу да биде изгаснат. Засега не постои опасност од ширење на огнот кон блиската вегетација“, изјави Ангелов.
Според првичните информации од директорот на ЈСП „Скопје“, Саше Илиевски, во моментот на избувнувањето на пожарот во автобусот немало патници, па засега нема информации за повредени.
Причината за пожарот засега не е соопштена. Надлежните служби треба да утврдат како дошло до избувнување на огнот.
Инцидентот се случил на видиковецот на Водно, а според надлежните, во моментот не постои опасност пожарот да се прошири кон околната вегетација.
