„Црн петок“ во моловите во време на корона – со десетина заразени трговските затворени, со над илјада, гужви

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гужва, мешаница, долги редици синоќа во трговските центри низ Скопје. Ниту Ковид-19 не ги спречи граѓаните да излезат на шопинг по повод  Black Friday, односно црн петок. Многу реакции имаше на социјалните мрежи и критики за оние кои се одлучиле да бидат дел од гужвите во моловите и дуќаните. Критики стигнаа и од министерот за здравство, Венко Филипче. Како што вели тој, ваквите собирања на граѓани се непочитување на превентивните мерки донесени поради коронавирусот.

Оваа изјава првиот човек на здравство ја даде во Прилеп, каде се сретна со градоначалникот на општината, Илија Јовановски, кој пак побарал од Владата во Прилеп да стапат на сила дополнителни мерки или карантин поради ризик од ширење на вирусот, но Филипче одбил. Според министерот други рестриктивни мерки нема да има во ниту една општина.

Една третина од градовите во Македонија имаат зголемен број заразени, меѓу кои и Прилеп, но Филипче не претпочита воведување ригорозни мерки, бидејќи матичните лекари ќе им излезат пресрет на болниците, што го потврдуваат и од Здружението на матични лекари.
Инаку, од почетокот на епидемијата на коронавирус во Прилеп се регистрирани 2.903 случаи, а во моментот во оваа општина има 1.060 заразени пациенти. На врвот на листата по највисок број заразени се Скопје, Куманово, Прилеп, Гостивар и Тетово.