Црна Гора и утрово се разбуди во чад, големи пожари и натаму беснат во повеќе места низ земјата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цела Црна Гора меѓу кои и главниот град Подгорица, утрово се разбудија во чад, а пожарите во земјата не стивнуваат.

Пожарникарите сè уште го контролираат пожарот во Кучи, а ситуацијата е тешка во Биоч и Смоковац, каде што сообраќајот е во прекин на патот низ Платије.

Исто така, има активен пожар на Какаричка Гора.

Кога станува збор за другите црногорски општини, Министерството за внатрешни работи синоќа објави дека пожарите во најголем дел се под контрола, додека преостанатите се локализираат.

Активни пожари во текот на ноќта имало во Даниловград, Бијело Поље и Шавник.

Граѓаните се повикуваат веднаш да пријават секој пожар и се потсетуваат на забраната за палење и употреба на пиротехнички средства.

Канадерите од Италија и од Хрватска ќе бидат повикани денес преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, откако синоќа се вратија во своите земји, изјавија за „Вијести“ од Дирекцијата за заштита и спасување на Министерството за внатрешни работи.