Од Букурешт, македонската фудбалска репрезентација отпатува во Амстердам. Таму е и екипата на ТВ21 за одблизу да ги следи подготовките, а и мечот со Холандија. Фудбалерите тренираат во спортскиот центар на најреномираниот клуб во Холандија.
Портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, Фатон Зилбехари кој цело време беше покрај играчите, за ТВ21 вели дека фудбалерите сакаат на дуелот со Холандија да остават позитивен впечаток, бидејќи, како што додава, историјата е испишана со самата квалификација на ЕУРО 2020.
„Секако, по два загубени натпревари се чувствува. Факт е дека во спортот или во било кој натпревар се бара позитивен резултат, но кога се губи, се чувствува. Но, ситуацијата е иста како и пред да дојдеме. Посакувавме да оставиме белег на голем турнир на кој учествуваме за првпат, но историјата е испишана со самата квалификација“, истакна Зилбехари.
Иако Македонија нема шанси за натамошен пласман, Зилбехари вели дека во екипата сѐ уште постои мотив за играчите да го дадат максимумот.
„Верувам дека нема поголем мотив отколку да играш со Холандија на ЕП. Ова не е пријателски меч, играме на европско и верувам дека и овие 90 минути треба да се искористат максимално. Секако дека постои мотив“, додаде тој.
Мечот Северна Македонија-Холандија се игра в понеделник во 18 часот на стадионот кој го носи името на холандската фудбалска легенда Јохан Кројф.
