ЦУК: 31 пожар на отворен простор во последните 24 часа, осум активни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани во изминатите 24 часа, од кои осум се активни, додека 23 се целосно изгаснати, информираше утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во осум општини.

Во прилепскиот регион активен е пожарот во селото Бонче, каде гори ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Пожар има и во подрачјето меѓу селата Моране, Вртакица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селото Вржале во Општина Зелениково, каде гори мешана шума.

Во Општина Студеничани активен е пожарот во селото Цветово, на стариот пат кон Елово, каде се зафатени ниска вегетација и ниска шума.

Во Македонски Брод активни се пожари на неколку локации – на местото Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активен пожар има и во кичевскиот регион, во селото Тајмиште, на местото наречено Дарда, каде гори високостеблеста букова шума.

Во Врапчиште активни се пожарите во селата Ломница и Ѓурѓевиште, каде гори мешана шума.

Во Маврово и Ростуше, пожар има во селото Церово, каде гори ниска вегетација и папрат.

Во изминатите 24 часа пожари се регистрирани и во Крушево, Битола, Делчево, Штип, Струга, Вевчани, Липково, Куманово, Валандово, Сарај, Тетово, Чучер-Сандево, Карпош, Струмица, Василево, Прилеп и Гостивар.

Од ЦУК информираат дека пожарот во селото Теново, во Гостиварско, зафатил ниска вегетација и две стари куќи.