ЦУК: 31 пожар на отворено во изминатото деноноќие, четири активни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои четири и натаму се активни, три се ставени под контрола, додека 24 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според утринскиот извештај на ЦУК, активни се пожарите на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково, меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селата Вражале и Тисовица. Таму гори мешана шума.

Активен е и пожарот кој избувнал кај селото Трново во општина Гостивар, а се шири кон Битово, Заград и Страјане во општина Македонски Брод. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Пожар има и над селото Нежилово во општина Чашка, во месноста Сватови, каде гори ниска вегетација и смреки. Четвртиот активен пожар е регистриран во селото Франгово во општина Струга, каде се зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Под контрола се ставени три пожари. Едниот е во селото Тајмиште, во месноста Дарда, во општина Кичево, каде гори високостеблеста букова шума. Пожар има и на депонијата во Делчево, додека третиот е во селото Стрмница во општина Брвеница.

Во изминатите часови се изгаснати вкупно 24 пожари на отворен простор. Тие биле регистрирани на повеќе локации низ земјава, меѓу кои Желино, Теарце, Македонски Брод, Кичево, Делчево, Градско, Гостивар, Росоман, Босилово, Арачиново, Карпош, Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Берово, Куманово, Шуто Оризари и Битола.

Според информациите на ЦУК, меѓу погодените локации имало ниска вегетација, мешана и борова шума, пасишта, трска, депонии и отпад, како и земјоделски насади.

Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата на терен и да ги координираат надлежните служби во справувањето со пожарите.