ЦУК: Четири активни пожари низ земјава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пожарите на отворен простор и натаму се активни на четири локации низ земјава, додека два пожари се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 33 пожари, од кои 27 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Најголем дел од активните пожари зафатиле шумска и ниска вегетација. Во општина Чашка, пожарот кај селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“, зафатил букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.

Пожарот кај селото Стрима, на местото „Гури Куќ“ во општина Липково, е активен и гори борова шума и ниска вегетација.

Активен пожар има и во општина Прилеп, кај селото Дрен, каде е зафатена мешана шума, како и во општина Дебар, кај селото Горно Косоврасти, на местата „Крушно и Вложно“, каде гори шума.

Под контрола се ставени пожарот меѓу селата Драчевица и Цветово во општина Студеничани, на местото „Калдиред“, каде гори ниска вегетација, како и пожарот на депонијата „Краста“ во општина Куманово.