Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, денеска присуствуваше на седницата на Главниот штаб во Општина Гостивар, свикана поради актуелната состојба во градот.
ЦУК ја координираше целокупната акција за обезбедување и дистрибуција на цистерни со вода, со цел жителите на Гостивар навремено да добијат вода за пиење и техничка вода.
По седницата, директорот Али, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Општина Гостивар, одржаа прес-конференција на која ги информираа граѓаните за мерките што се преземаат за справување со состојбата.
Во моментов на терен се распоредени четири цистерни на клучни локации во градот:
- кај Болницата во Гостивар – цистерна со 5,5 тони вода за пиење;
- кај Здравствениот дом – цистерна со 2 тони техничка вода;
- кај Детската градинка – цистерна со 8 тони техничка вода;
- кај ОВР Гостивар – цистерна со 6 тони вода за пиење.
Во текот на денот се очекува пристигнување на уште девет цистерни и еден камион со резервоар за вода од повеќе општини и институции, меѓу кои Армијата, Неготино, Кавадарци, Дебар, Тетово, Струга, Охрид, Скопје и Кичево.
Според ЦУК, денеска на располагање на граѓаните ќе бидат вкупно 100 тони вода за пиење и 78 тони техничка вода.
Дополнително, обезбедени се и 60.000 литри флаширана вода од Министерството за локална самоуправа, како и еден шлеп со флаширана вода за пиење, донација од Општина Неготино.
Од Центарот за управување со кризи најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со координација на сите активности на терен и со континуирано следење на состојбата, во тесна соработка со надлежните институции, сѐ до нејзино целосно стабилизирање.
