ЦУК: Соработка со САД за унапредување на националната и колективната отпорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денес, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), г-дин Мухамед Али, по покана на Министерството за одбрана, учествуваше на завршната сесија од меѓуресорските работилници и штабните вежби за градење национална отпорност, која се одржа во Домот на Армијата.

Во рамки на настанот се одржува тридневната „Работилница за градење на отпорност помеѓу институциите“, организирана од Министерството за одбрана и Институтот за безбедносно раководење од САД, како дел од програмата за цивилно-воена подготвеност.

На настанот, покрај директорот Али, се обратија и почитуваната амбасадорка на САД, нејзина Екселенција г-ѓа Angela P. Aggeler, како и министерот за одбрана, г-дин Владо Мисајловски.

Во своето обраќање, директорот Али истакна дека современите предизвици – од екстремни природни непогоди до хибридни закани – бараат модернизација, дигитализација и засилена меѓусекторска координација. Тој нагласи и важноста на примена на севладин пристап, редовни обуки и вежби со цел унапредување на националната и колективната отпорност во рамки на НАТО.

Г-дин Али упати искрена благодарност до партнерите од Соединетите Американски Држави и експертите од Институтот за безбедносно раководење за нивната континуирана поддршка, професионален придонес и зајакнување на капацитетите на нашите институции.