Цвета Државна видео – лотарија, 7 милијарди денари за 5 години работа, но каде одат парите?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цвета Државната видео лотарија во Северна Македонија. Од 2015 до крајот на 2019, според податоците на Централен регистар, собрани се над 7 милијарди денари (7,038,767,738) тотален приход, или во евра 114,238,777 евра.

45,38% од оваа сума се пријавени за трошок, а 50,42% добивка. Значи за 5 години, Видеолотарија заработила 1,7 милијарда денари, или 27,7 милиони евра. Податоци за загуби нема, ниту пак за промет за 2020, година на пандемијата.

Побаравме интервју од директорот на Видеолотарија, но од канцеларијата за односи со јавност ни рекоа дека е зафатен, затоа прашањата ги испративме по емаил, но ниту електронски одговор не добивме денеска.

Тоа што побаравме се податоците за 2020, дали ги купиле 1500-те нови апарати со 6,5 милиони евра за кои беше објавен тендер пред неколку месеци и кој е вистинскиот сопственик на таканареченото Аустриан Казино.

Сето ова бидејќи Државна лотарија е субјект каде 49% се надворешен капитал а 51% државен капитал. Но ниту од јавните институции, конкретно од Министерството за финансии никој не прифати да даде интервју за тоа каде отишле до сега милионите денари собрани од Видеолотарија. Канцеларијата за медиуми при Министерството, во недостиг на интервју, ни рече да се базираме на член 16 од законот за игри на среќа.

Таму само површно се кажува дека средствата кои и припаѓаат на државата од игрите на среќа, Владата ги распределува за финансирање на организации кои се занимаваат со ризични категории граѓани и спорт.

Но, доколку  Видеолотарија и  Министерството за финансии не се подготвени да зборуваат, Движење против коцкање никогаш не се колеба. Џемаљ Абдиу вели дека милионите што компаниите и државата ги добиваат се пари украдени од граѓаните.

„Тоа се вртоглави суми, можеби за нив се само бројки, меѓутоа станува збор за милионски суми и тоа се пари кои не се враќаат назад, пари украдени од граѓаните и нормално дека се странски компании и се трошат некаде на друго место“, истакна Џемаљ Абдиу.

Движење против коцкање бара да се затворат објектите за игри на среќа, или да се дислоцираат надвор од населените подрачја. Сопствениците на казината и обложувалниците се против тоа, бидејќи тоа би и наштеттило на нивната дејност. Предлог законот што Министерството за финансии го објави во ЕНЕР предвидува објектите за игри на среќа да се отворат на 500 метри далечина од училишните објекти.