Нови факти за кобната ноќ кога македонски автобус се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија и загинаа 46 лица.
Девет месеци по трагедија, автобусот се уште се наоѓа во депото кај Перник. Служи како доказ за делото.
Бугарското обвинителство за прв пат потврдува дека сепак во автобусот имало и запалива течност.
„Ноќта на 23ти ноември автобусот изгорел, но четирите туби со бензин кој ги носел шоферот не се причината, бидејќи тие останале недопрени“, рече Ајша Сали, новинар.
Банкината ја блокирала вратата, каде на куп биле патниците во очаен обид да го напуштат автобусот.
„Беше докажано дека голем дел од нив починале од задишување од пожарот и трауматичен шок. Имаме два случаи. Несреќа и пожар. Од експертизата стана јасно дека шоферот управувал со неприлагодена брзина по што изгубил контрола врз автобусот. На случајот работеа 6 истражители и 3 обвинители. Во рамките на само 10 дена заврши собирањето на докази за делото.“, вели Силјка Милева, портпарол на главен јавен обвинител.
Во Бугарија на распит биле 30 лица, а меѓу нив и преживеаните од автобуската несреќа.
Во моментов, предистражната постапка е прекината, бидејќи е подготвено второ барање за правна помош до македонските истражители. Тие мора како сведоци да ги испрашуваат преживеаните во несреќата, како и наследниците на жртвите.
