Туфегџиќ и Новакоски во „Клик Плус“: „Новиот Државен јавен обвинител мора да биде и подобен и способен“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новиот државен јавен обвинител треба да ја зачува својата независност и да не потпадне под какви било влијанија – порачаа адвокатите Владимир Туфегџиќ и Александар Новакоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21. Според Туфегџиќ изборниот процес на државниот јавен обвинител има политичка нота. Но вели, се создаде амбиент на поделби дека се бира меѓу подобни и најспособни. Тој мора да биде и способен и подобен, изјави Туфегџиќ.

-Самиот процес, изборен процес на државниот јавен обвинител има политичка нота, вели адвокатот Владимир Туфегџиќ.

-Клучната улога на државниот јавен обвинител е да ја има подобноста за соработка со сите овие органи што јас ги кажав. Но неговата улога е да биде коректор во спроведувањето на законот оној момент кога владата ќе забега. Тоа е неговата улога ако сакаме веќе да имаме државен јавен обвинител онака како што треба, изјави Туфегџиќ.

Според Новакоски Владата има право да го избере државниот обвинител и тој не гледа друг начин освен актуелниот модел. Но, вели клучно е да се избере личност која ќе работи во интерес на државата и на обвинителството. Тој ќе биде клучниот човек и ќе има суштинско значење за насоката во која ќе се движи правосудството и најавените реформи.

-Државниот обвинител во овој момент ќе биде клучниот човек во кој треба да се надеваме за одредени реформи. Верувајте дека ќе е клучниот човек кој ќе може историски да почне да работи професионално, затоа што тоа одма ќе се види како ќе се одвиваат настаните во правосудството, дали ќе прифаќа во обвинителството влијанија вакви да се прошета некој или не. Тоа брзо ќе се увиди. Друго по мене мора да има добри менаџерски способности, изјави адвокатот Александар Новакоски.

Инаку, топката сега е кај Владата. Таа ќе одлучи чие име ќе ги помине владините филтри. Потоа предлогот ќе го испрати до Собранието, кое треба да го избере новиот Државен обвинител кој ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој во декември поднесе неотповиклива оставка. Членовите на Советот на јавни обвинители дадоа позитивно мислење за 4 кандидати, обвинителката Ленче Ристоска, актуелната в.д државна јавна обвинителка, Анита Тополова-Исајловска, за обвинителката Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката отпадна поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски. А премиерот Мицкоски од телевизиско интервју ја „елиминираше“ обвинителката Ристоска.