Перипетија пред расплет. Вака драмски може да се опише етапата во која се наоѓа случајот „Рекет“. Иако предметот е пред самиот крај го следат низа турбуленции. Судот не ги прифати за сведоци предлозите на обвинетите, Катица го тужи Бојан затоа што ја снимал со евра кај неа дома, а сите се сомневаат во вештакот за кој тврдат дека немал сертификат.
Одбраната на Јовановски се жали на како што велат тие брутално кршење на правото на еднаквост на оружјето. Додаваат дека не е вештачен мобилниот телефон на Јовановски, а вештакот не поседува сертификат за тоа.
„Оваа постапка во ниту еден момент не може да се нарече постапка на фер баланс. На еднаквост на оружјата и на еднаквост на страните. Се се прифаќа од страна на Обвинителството. Поминува телефон невештачен, без било каков доказ, поминува снимка некаква која ја гледа цела јавност, ништо не се гледа кој е на таа снимка, гледаме некакви пари и сите треба да бидеме среќни да се донесе пресуда.“, рече Дуковски.
Зошто обвинителството не го вештачел мобилниот телефон и дали стручното лице поседува сертификат за тоа одговор до овие вести не добивме од Јавното обвинителство.
Одбраната на Јовановски побара да сведочи и ексдиректорот на УБК Горан Николовски, за кого сопругата на Камчев, Ана Камчева, кажа дека за рекетирањето од Јовановски, првин му кажала на тогашниот директор на УБК, кој само ја прашал зошто не пријави во Обвинителство, а таа му рекла дека немала доверба во институциите. Одбиени се и предлозите да сведочат, вработени во 1ТВ, Зоран Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Радмила Шеќеринска…
Судот на Јанева ѝ одби пет јутјуб снимки, како и документите од предистраги исто така, и кажа дека откривањето би направило поголема штета отколку што би имале доказна вредност.
„Се одбија докази кои што се појавија на 6-ти декември на ЈуТјуб канал, на кои имаше разговори на сведокот Орце Камчев. Така што истите, апсолутно сметаме дека мораше да бидат дозволени за жал судот не го прифати тоа. Без да ги слушне, сметаше дека може да одлучи дали ќе помогнат или не во доказната постапка.“, рече Кадиев.
Следното рочиште е закажено за 7 мај, кога обвинетиот Јовановски ќе треба да ја даде својата одбрана. Во досегашниот процес за „Рекет”, се презентираа материјални докази, а беа сослушани и сведоци.
Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
