Видео и фотографии на кои туристи во костими за капење се качуваат на камбанаријата на потопената црква „Св. Никола“ во Маврово, со цел да скокаат во езерото, предизвикаа бројни реакции во јавноста откако беа објавени на социјалните мрежи.
На снимките се гледаат млади девојки како се искачуваат на камбанаријата на црквата, облечени во костими за капење, по што скокаат во водите на Мавровското Езеро. Глетката предизвика негодување кај дел од граѓаните, кои сметаат дека верскиот и културно-историскиот објект не смее да се третира како место за забава и адреналински активности.
Потопената црква „Св. Никола“ е еден од препознатливите симболи на Мавровското Езеро. Особено во периодите кога нивото на езерото се намалува, камбанаријата повторно станува видлива и привлекува посетители.
