Туристичките агенции се на работ на егзистенцијата. Ако пред кризата само од дојдовен туризам во буџетот се слевале околу 400 милиони долари, сега само „ се одржуваат во живот“.
Потенцијалот според туристичките работници е РСМ да прави милијарди долари само од туризам ако се работи посветено, бидејќи уште други 30 гранки се поврзани со туризмот. 1,3 трилиони долари е загубата на светската туристичка организација. 100-120 милиони туристички работни места се во директен ризик од целата пандемијата.
„Добивме надеж и ветер кога се објави дека има вакцина после претседателските избори во Америка, меѓутоа како што гледаме вакцинацијата и дистрибуцијата, не одат така брзо како што мислевме дека ќе се случи сето тоа“, истакна Аркан Керим.
„Штетата општо во секторот туризам беше голема, поточно ако зборуваме за туристичките агенции овде имaме намалување на прометот за повеќе од 90% во однос на 2019-та година“, вели Елизабета Јосифовска.
„Луѓето не патуваа оваа година од разбирливи причини и се уште не патуваат, т.е почнуваат , но тоа е доста претпазливо и во мали бројки. Финансиските губитоци се секако тука“, посочи Андреј Сирачевски.
Единствена придобивка од пандемијата е можноста за домашниот туризам. Заинтересирани има, но велат туристичките центри не се подготвени за толкав број на туристи.
„Ова со ваучерите им помогна на зимските туристички центри и езерските туристички центри, но што да се каже за скопските хотели. Нема никаква помош за скопските хотели. Се надевам дека во новиот пакет Владата ќе го земе тоа во предвид“, вели Аркан Керим.
„Најмногу се бараат Попова Шапка, Маврово, Берово, Крушево“, посочи Елизабета Јосифовска.
Зимскиот туризам не е само скијање. Малдиви, Египет, Занзибар се потопли дестинации на кои се одлучуваат да патуваат, да се одморат од целата ситуација велат од агенциите, но не во голем број.
„Нашата популација, нашите туристи најчесто во зимските месеци одат во бугарските ски центри, дел од нив во европските ски центри, Алпите, е оваа година е поинаку, бидејќи за Бугарија е потребен, ПЦР тест што ги демотивира и се плашат да не се разболат. Копаоник, Златибор, Бањите во Србија е нешто што е барано оваа сезона“, рече Андреј Сирачевски.
„Но, со отворањето на границите Копаоник е една од омилените дестинации на туристите. Иако е многу поскапа варијанта во споредба со Банско“, изјави Елизабета Јосифовска.
Според дел од туристичките работници се песимисти дека Грција ќе ни ги отвори вратите и оваа година. Турција и да ги отвори, ќе биде наложено од СЗО и ЕУ да се патува или со негативен ПЦР или вакцина. Останува дека за ова лето сигурни дестинации се Албанија и Србија. И покрај неизвесната ситуација се подготвуваат за летната сезона.
Туристичките работници ги поздравуваат мерките на Владата , но тие како што велат им помогнале само да опстојат. Свесни се дека треба да ги вратат средствата преку даноците откако ќе се нормализира ситуацијата.
