Турција нема да ги застанува мигрантите кои сакаат во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Турција на својата граница нема да ги застанува мигрантите кои сакаат да стигнат до Европа, истакна денеска турскиот официјален претставник.

Одлуката за отворање на вратата е донесена за време на вечерашниот вонреден состанок на Советот за безбедност, со кој претседаваше претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Состанокот беше повикан поради смртта на најмалку 33 војници во регионот Идлиб, во северозападна Сирија, во воздушни напади за кои Анкара ги обвини сириските владини сили потпомогнати од Русија.

„Веќе нема да ги задржуваме оние кои сакаат да одат во Европа“, истакна претставникот кој не сакаше да му се наведе името.

Според турските медиуми групата мигранти тргнуваат утринава во правец кон границата со Грција на западот од Турција.

Агенцијата ДХА објави дека има околу 300 сириски, ирачки и ирански мигранти пристигнале во провинцијата Едрин.

Претходно Турција неколку пати се закани дека „ќе ги отвори вратите“ кон Европа за мигрантите.