Тутунарите на протест пред Влада, се жалат на ниските откупни цени и лошата проценка на тутунот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Незадоволни од проценката, но и од ниската откупна цена, тутунарите излегоа на протест пред Владата. Револтирани бараат Владата да одговори како мисли да го реши нивниот проблем откако откупувачите почнаа да прават лоша проценка на тутунот и да им нудат ниски цени од оние со кои неколку години по ред им го плаќаа.

„Низ Пелагонија и низ останатите тутунски региони во Македонија се случува невиден грабеж, буквално кражба на тутунарите, се случува осиромашување, се случува доведување буквално до работ на гола егзистенција на тутунарите. Доколку продолжи ова што сега се случува веројатно дека после Велигден ние ќе имаме армија сиромашни од 130 илјади тутунари.“, вели Васко Јосифовски од Одбор на незадоволни тутунари.

Бараат укинување на четвртата класа тутун, линеарно зголемување на субвенцијата на 100 денари по килограм предаден тутун за сите класи, како и загарантиран откуп на вишокот што е произведен.

„Министерството најправи ујдурма, со новиот закон не оштети нас, а не да ни даде приоритет да има подобрување на откупот, туку не оштети. Заев ни вети дека ќе нема четврта класа. Не дека ќе нема, има, ама Владата им го даде тоа право на откупувачите да можат да внесат од надвор тутун со новиот закон.“, рече Џевад Сали.

На протестот на тутунарите им се придружија и лозарите кои рекоа дека земјоделството е најнеценет сектор во нашата држава. Се заканија дека доколку не се најде решение со откупната цена на грозјето кое во просек се движи од 120 до 160 денари, најавија нови протести со блокади во градовите каде што живеат.