Револтирани поради непродажбата и ниската цена на тутунот, тутунарите и денеска му ја кажаа својата мака на министерот за земјоделство Арјанит Хоџа. Џеват Салиу, претседател на здружението на тутунарите од Каршиака, рече дека тутунопроизводителите од Каршиака не се земаат предвид. Целиот тутун што го произвеле летото им останал дома.
„Не не’ афирмираат никаде, останавме за никаде. Овие фирми се концентрираат само во Прилеп а има и во Каршиака тутун, и треба да се земе предвид. Јас му реков и на министерот дека треба да се разговара и да се види дека има тутунари на кои им остана тутунот дома.“, вели Џеват Салиу, претседател на тутунари во Каршиака.
Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа признава дека оваа година била лоша за производителите на тутун, но ветува дека целиот тутун што им останал дома ќе биде откупен.
Министерството за зeмјоделство со петтиот економски сет ќе им додели 5 милиони евра на тутунопроизводителите. Овие средства ќе се доделат кога ќе заврши откупот на тутун за оваа сезона.
