ТВ21 дознава: 250М евра за општините, 250М евра за коморите, 460М евра нова инвестиција во енергетиката, економски бум најавува новата Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економски бум најавува новата Влада на ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ. Извори на ТВ21 од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека се „крои” планот за спас на економијата.

Инвестиции, нови фабрики, пари за општините, пари за коморите, намалување на данокот на добивка доколку добивката се реинвестира, проекти во енергетиката, патната и железничката инфраструктура, но и нови мерки за развој на туризмот. ФИТР станува инвестициски фонд во рамките на новото министерство за дигитализација.

Финансиски пакет преку договор Влада со Влада во износ од 1 милијарда евра доаѓа од Унгарија. ТВ21 дознава ексклузивно дека се работи задолжување со поволни услови, каматна стапка од 2,59% и грејс период од 3 години.

250 милиони евра одат за Стопанските комори во земјата, исклучиво за проекти. 250 милиони евра одат и за за сите општини во Македонија, по 135 евра по глава на жител за секоја општина, односно вкупно 250 милиони евра.

ТВ21 дознава дека на 25 јуни веднаш по формирање на новата Влада, Мицкоски ќе промовира нова енергетска инвестиција од 460 милиони евра која ќе произведува околу 1 терават часови електрична енергија годишно. Се работи за ветерен парк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш.

Исто така, ТВ21 дознава дека се најавуваат 2 нови фабрики во зоните и 2 проширувања на постојни фабрики во Македонија.

Од даночниот аспект, новата Влада најавува намалување на данокот на добивка, и тоа до 5% доколку добивката се реинвестира.

Повеќе детали донесуваме во текот на денот.