Во наредните 10 години македонските влади ќе можат да ги повлекуваат шесте милијарди евра од договорот Влада – Влада со Велика Британија. Ова значи дека и во 2035 ако се има проект ќе може да се повлечат дел од шесте милијарди кои не биле искористени. Овој рок може да биде продолжен.
Во моментов има најава за неколку проекти во висина од 2,2 милијарди евра и тоа се брзата пруга Гевгелија – Табановце и болниците во Штип, Кичево и Тетово.

Договорот за пругата се очекува да се потпише летово, но тоа не значи дека од тогаш ќе почнат да течат кредитните рокови. Еве што се предвидува со договорот, кој во вторник ќе се најде пред пратениците во Собранието.
За да се земе проект, компаниите кои ќе учествуваат на тендерите ќе треба да се сериозни и финансиски моќни. Тие нема да добијат аванс па да почнат со градби, туку парите ќе ги добијат после изградени позиции. Градат, па наплаќаат, што значи првично ќе финансираат, па ќе ги добијат парите. Во основа, Владата сака да постигне што подоцна да се повлече првата рата, за да не им тече рокот за отплата. Целата е задолжувањето да не го оптовари јавниот долг, односно инвестициите веќе да го зголемат бруто домашниот производ, па да се земе заемот. Со ова, би требало растот на БДП да го следи зголеменото задолжување, а со тоа да има минимално зголемување на јавниот долг.

Целта е и да не се повтори случајот Бехтел – Енка каде што само за подготовки на проектот беа префрлени 260 милиони евра од буџетот на конзорциумот.
Секој проект ќе има петгодишен грејс период кој почнува да тече откако ќе се земе првата рата. Во овој период, според информациите на ТВ21 нема да тече камата на кредитот. Таа почнува се пресметува по завршување на грејс периодот.

Каматата ќе се утврдува по принципот шестмесечен Еуроибор плус одреден дополнителен процент. Ова значи и дека ратите од кредитот ќе се плаќаат на секои шест месеци. Променливо во каматата е Еуроиборот.
Според информациите, ако кредитите се на пократок рок, каматата ќе биде пониска, додека ако се на подолг, ќе биде повисока. Целта е да се има пократок период на кредитирање, за да се има поголем обрт на средства и поголема ликвидност.
