Вештачка светлина и постојана температура. Посебна грижа за секоја саксија со канабис за да има што поквалитетен плод. Се уште е во почетна фаза додека да созрее плодот и потоа истиот да се претвори во масло.
Вака се грижи за канабисот една од најголемите компании за масло од канабис во регионот, која се наоѓа на периферијата на Скопје. Секој корен од канабисот има своја саксија заради идентификација, вели агрономот Ангелина Бабамовска. Таа вели дека треба да се распознава секој корен од каде му е потеклото.
За одгледувањето на оваа чувствителна билка потребна е инсталација за вештачка влага како и инсталација која ќе може да ја собира водата низ просториите каде што се одгледува канабисот.

Процесот за маслото од канабис продолжува во лабораторија за анализа. Во оваа лабораторија се прават екстремни тестирања за одржливоста и квалитетот на канабисот произведен пред да се претвори во масло.
Директорот на фабриката НЈ СК ХОЛДИНГС, Златко Кесковски вели дека законот за канабис треба да се дефинира, да се зголемат инвестициите уште повеќе. Според него потребно е компаниите да извезуваат и цвет а не само екстракт од канабис.
Компанијата има висока безбедност, високи ѕидови и 24 часа обезбедување.

Инаку, Премиерот Зоран Заев веќе е одлучен за промена и прецизирање на законот. Тој во јавноста ја пласираше и идејата за легализација на марихуаната во неколку места на РСМ, бидејќи како што истакна не е во ред некој да заврши во затвор поради тоа што користел пола грам марихуана за рекреативна употреба.
Но од друга страна Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Клик Плус изјави дека во нашата земја се уште не се создадени услови за легализација на марихуаната за рекреативна употреба.
Во РСМ има 31 компании кои произведуваат канабис, а само 3-4 од нив можат да произведат екстракт од маслото за канабис.
