По наредба на Специјалното обвинителство на Црна Гора, поранешниот главен специјален обвинител Миливое Катниќ и поранешниот висок полициски функционер Зоран Лазовиќ се уапсени рано во неделата на 14 април, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Специјалното обвинителство.
„Катниќ и Лазовиќ се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение дека ги сториле кривичните дела создавање злосторничка организација и злоупотреба на службената положба“, соопшти портпаролот на Специјалното обвинителство, Вукас Радоњиќ.
Тој наведе дека апсењето на поранешниот шеф на Специјалното обвинителство и поранешниот помошник директор на полицијата е врз основа на соработката на обвинителството со ЕУРОПОЛ, Агенцијата на Европската унија за соработка во спроведувањето на законот.
„Во тек е претрес на нивните станови и други простории во Подгорица, Цетиње, Будва и Бијело Поље, заради пронаоѓање на траги од кривичното дело и предмети кои можат да бидат корисни за постапката“, изјави обвинителот Радоњиќ.
Тој додаде дека Катниќ и Лазовиќ ќе бидат однесени на распит кај специјалниот обвинител во законскиот рок.
Миливое Катниќ е главен специјален обвинител од 2015 година, а на таа функција дојде од местото судија на Апелациониот суд. Тој беше разрешен на почетокот на 2022 година, година и пол по смената на власта во Црна Гора, а Демократската партија на социјалистите (ДПС) премина во опозиција по триесет години владеење.
Новите власти ја обвинија Катниќ дека ја прогонува опозицијата и ги штити највисоките функционери на ДПС, вклучително и долгогодишниот претседател Мило Ѓукановиќ.
Тој беше главен обвинител во случајот за обид за тероризам и „државен удар“ во 2016 година, во чие обвинение беа вклучени руски и српски државјани, како и лидерите на прорускиот Демократски фронт – актуелниот претседател на Парламентот на Црна Гора Андрија Мандиќ и пратеникот Милан Кнежевиќ, претседател на Демократската народна партија, член на владејачката коалиција.
Со првостепената пресуда сите тие беа осудени на неколку години затвор, но Апелациониот суд потоа го врати процесот на почеток.
Името на Катниќ е познато и по судскиот процес против високиот функционер на ДПС и претседател на поранешната државна заедница на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ.
Во текот на судењето, Маровиќ потпишал спогодба за вина за создавање криминална организација. Избегнал затворска казна со напуштање на Црна Гора, а заштита нашол во Србија, која со години одбивала да го екстрадира.
Поранешниот помошник директор на полицијата Зоран Лазовиќ е долгогодишен полициски функционер одговорен за борбата против организираниот криминал. Неговиот син Петар Лазовиќ е во притвор повеќе од година и пол бидејќи е осомничен за шверц на дрога и оружје како и припадност на една од криминалните организации во Црна Гора.
Петар Лазовиќ е поранешен вработен во Агенцијата за национална безбедност, а неодамна понуди гаранција од речиси 10 милиони евра за одбрана на слободата. Судот ја одбил понудената кауција.
Во претходните две години, Црногорското обвинителство спроведе серија апсења на поранешни раководители на правосудни институции и полиција.
Обвиненијата и судските процеси се водат против поранешната претседателка на Врховниот суд Весна Меденица, поранешните директори на полицијата Веселин Вељовиќ и Славко Стојановиќ, заменик директорот на полицијата Дејан Кнежевиќ, помошникот на Катниќ во Специјалното обвинителство Саша Чаѓеновиќ и други.
