Полицијата лиши од слобода 46-годишен жител на Арачиново во врска со сообраќајната несреќа во Скопје во која вчера животот го загуби 19-годишен мотоциклист од скопското село Побожје.
Според информациите од МВР, несреќата се случила на 7 август околу 12:12 часот на улицата „Радишанска“ во Скопје. Во неа учествувале автомобил „Алфа Ромео“, управуван од 47-годишен скопјанец со привремен престој во Скопје, и мотоцикл „Кавасаки“, управуван од 19-годишниот Н.М. од Побожје.
Мотоциклистот починал на местото на несреќата од здобиените повреди, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција. Возачот на автомобилот, пак, се здобил со телесни повреди и бил пренесен во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“.
При увидот, како и по преземените мерки и обезбедувањето видеозапис, полицијата утврдила дека во предизвикувањето на несреќата учествувало и патничко возило „Сеат Алтеа“. Според МВР, возилото немало физички контакт со мотоциклот, но учествувало во предизвикувањето на несреќата.
Возачот на „Сеатот“, наместо да остане на местото и да им помогне на повредените, го напуштил местото на несреќата.
По дополнително преземени мерки, околу 19:40 часот возилото било пронајдено во селото Арачиново. Полицијата го пронашла и возачот, 46-годишниот С.О., кој бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица.
Со него бил извршен службен разговор, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
