Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, денеска на собраниска седница изјави дека лице од Управата за финансиска полиција е уапсено поради злоупотреба на буџет во случајот „Државна лотарија“.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за МИА потврди дека постои поврзаност на лице од институцијата со случајот.
-Да, точно е, има лице од Финансиската полиција поврзано со случајот „Државна лотарија“. Да почекаме да го однесат во обвинителство, па ќе споделиме повеќе информации, изјави Ивановски.
Премиерот Христијан Мицкоски исто потврди дека „добил информации во текот на седницата и дека списокот на уапсени за малверзации во Лотарија се проширува, со нови обезбедени лица и ќе треба да бидат изведени пред обвинител и пред судија“.
Случајот „Државна лотарија“ вклучува и осомничени како поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се во бегство.