Уапсени двајца радовишани, се сомничат дека продавале мраз со фекални бактерии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со години двајца 62-годишни жители на Радовиш, како што соопштија од МВР, произведувале и продавале мраз во импровизирани и нехигиенски услови. Полицијата извршила претрес на четири локации што ги користеле лицата, при што биле пронајдени машини за производство на мраз, фрижидери и стотици вреќички со мраз подготвен за продажба. Вкупно биле запленети околу 850 килограми мраз.

Но, главниот проблем бил откриен по лабораториските анализи. Примероците од мразот и опремата за производство не ги исполнувале потребните услови. Во нив било потврдено присуство на Escherichia coli и колиформни бактерии, што, според надлежните, укажува на контаминација со бактерии од фекално потекло.

„Од добиениот извештај од микробиолошка и хемиска анализа на водата е утврдено дека само таа одговара на бараните параметри согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење. Сите останати примероци земени за анализа не одговарале на бараните параметри и во овие примероци било потврдено присуство на бактерии ешерихија коли и колиформни бактерии, со кое е докажано дека мразот бил небезбеден за употреба и штетен по здравјето на луѓето заради контаминација со бактерии од фекално потекло. По добиените резултати, од Агенцијата за храна и ветеринарство, пронајдените ледомати и замрзнувачи со готовиот мраз од околу 850 килограми се запечатени и одземени“, соопштија од МВР.

Истрагата открила и друга неправилност. Водата што се користела за производство на мраз во подрумските простории не била мерена преку водомер. Надлежните се сомневаат дека водата била обезбедувана преку нелегално приклучување на водоводната мрежа.

Т.Д. (62) и С.Д. (62), двајцата од Радовиш, биле приведени и задржани во Полициската станица во Радовиш.

При претресите била пронајдена и воздушна пушка без соодветна документација, а било утврдено и дека објектот во кој била пронајдена бил изграден без дозвола.

Против двете лица е поднесена кривична пријава за производство и пуштање во промет штетни прехранбени производи.