Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ со 55 општини: На второ место е ВРЕДИ со 9, СДСМ со 6, а НАИ има 4 градоначалници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 55 општини вклучително и Градот Скопје, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од освоеното. И покрај намалениот број гласови во однос на ланските избори, ВМРО-ДПМНЕ однесе голема победа. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски со порака до СДСМ, рече дека не е среќен за нивниот пораз но дека тоа е затоа што не се реформирале. Доцна синоќа во седиштето на партијата се скандираше „победа“, но се чини дека освојувањето на Брвеница и Кичево за нив има посебно значење, по што претседателот на партијата Христијан Мицкоски веднаш потоа замина за Брвеница за лично да му честита на Јовица Илиевски, а потоа и во Кичево кај новиот градоначалник Александар Јовановски.

-Знаете дека, не заслужува ни името да му го спомнам тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби. Не успеа, поразен е. Морам да признам и да соопштам една посебно силна порака, која доаѓа оваа вечер. А таа е од нашето Кичево… Кичево. Падна митот дека Кичево е нивно или наше, мала или голема општина. Кичево е на кичевчани. Победи надежта дека иднината не се гради со поделби туку со почит и заедничка работа, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По трите градоначалнички места во првиот круг и уште три во вториот СДСМ заврши со 6 освоени градови, десет помалку од претходно, што уште толку ја однесе партијата во криза. Утрово пристигнаа и оставки од потпретседателката на партијата Ана Чупеска како и од претседателот на општинската организација на Ѓорче Петров Костадин Ацевски кој беше и кандидат за градоначалник. Филипче вчера најави кадровски промени.

-Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, секако јасен патоказ и за мене како претседател на партијата. Јасно е какви промени треба да се направат политички и кадровски, како што веќе најавив, веќе следните денови тоа ќе се случува. Ќе има седници на Извршниот, на Централниот одбор на кој што ќе ги обзнанам тие промени и секако ќе планираме и организирање на Конгрес, да се дискутираат политиките за следниот период, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Вреди во оваа изборна трка излезе втора со 9 освоени градоначалнички места. Изет Меџити кој уште во првиот круг ја доби градоначалничката позиција во Чаир со порака до ДУИ дека ВРЕДИ е коалицијата со легитимитетот а нивните повици дека изборите се „референдум“ завршиле како политички суд против оние кои го држеле народот во заложништво.

-Ви кажавме од самиот почеток, ова се локални избори, избори за општини. Тие побараа референдум, побараа легитимитет и суверенот запечати дека легитимитетот на Албанците е со ВЛЕН од Долнени до Дебар, Струга. Затоа вечерва победија Албанците, победија оние кои веруваа во промени, изјави Изет Меџити од ВРЕДИ.

Коалицијата НАИ предводена од ДУИ пак освои 4 градоначалнички места. Претседателот на ДУИ Али Ахмети рече дека на некој начин тие имаат добар резултат бидејќи освоиле голем број гласови.

-Резултатите за некои општини не се одраз на вистинската волја на граѓаните, туку последица на неуставни коалиции и привремени договори, кои во суштина го нарушија духот на демократската трка. Овие вештачки спојувања може да донесат краткорочни победи на хартија, но ќе имаат сериозни последици за досегашниот напредок и достигнувања, на локално ниво, но особено на национално ниво, рече Али Ахмети од НАИ.

Движењето ЗНАМ доби една општина, односно претседателот Максим Димитриевски доби уште еден мандат за Куманово. Со по едно градоначалничко место се и Унија на Ромите и еден независен кандидат.