Ученичка почина во болница по нападот со нож во училиште во Истанбул, во кој беа повредени уште седум ученици, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.
Девојчето „почина и покрај сите напори“ да се спаси, наведе Министерството во соопштение на X. Останатите седум повредени ученици се на лекување, се додава во соопштението.
Безбедносните сили ја приведоа ученичката идентификувана како напаѓач, а почната е и правна постапка. Министерството не соопшти детали за возраста на осомничената или за можниот мотив.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, претходно ја идентификуваше напаѓачката како ученичка од друго училиште во близина. Тој изјави дека таа влегла во училиштето во областа Башакшехир облечена во училишна униформа и „неселективно“ ги нападнала учениците со нож.
Нападот се случи околу 8:40 часот утрово по локално време, во училиште во населбата Кајабаши, јави „Анадолија“. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат возила на брзата помош пред училиштето и вознемирени ученици.
Насилството во училиштата привлече зголемено внимание во Турција оваа година по неколку напади. Во редок случај на смртоносно пукање во училиште во источната провинција Кахраманмараш во април, загинаа 11 лица, меѓу кои еден наставник и ученикот-напаѓач.
