Учениците без услови за работа – учителката Исмаили предава од нејзин лаптоп и без учебници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сама, без ниеден ученик во класот, вака го одбележа Меѓународниот ден учителката од четврто одделение  во основното училиште “7 Март“, Адриана Шеху Исмаили. На учениците им предава од далечина преку онлајн платформата. Настава држи од свој лаптоп а откако почна учебната година и недостасуваат 16 ученици.

„Со 1/3 од учениците не можеме да работиме, треба сите ученици да бидат вклучени. Плус е проблемот со платформата, интернетот не функционира. Како што гледате, имам мој лаптоп. Учениците кои не можат да се вклучат, се жалат бидејќи немаат компјутери и интернет“, вели Адриана Шеху Исмаили.

Таа вели дека оваа учебна година и е најтешката во нејзината кариера.

Адриана Шеху Исмаили: Многу тешка година е, многу, многу тешка. Но се надеваме дека ќе се смени и ќе почнеме со физичко присуство.

ТВ21: Мислите дека така ќе има подобри резултати?

Адриана Шеху Исмаили: Да, секако подобро, ќе ги имаме сите ученици.

Со учениците се сретнува кога треба да им подели материјали кои исто така ги немаат доволно. Учебници има за 9 ученици, а и тие се уништени. Поради недостиг на компјутери и интернет, онлајн наставата не се одржува на 20% од територијата на цела држава.

Дека пандемијата им ја отежна работата на наставниците кои предаваат онлајн оценија и од УНИЦЕФ на настанот кој се одржа на плоштадот во Скопје под мотото “Учиме од вас, ви благодариме!“.