Учениците се подготвија за на училиште. Долго го чекаа автобусот, но тој не дојде по нив. Разочарани беа принудени да се вратат дома…
Во недостиг на јавен превоз, низ улиците во Визбегово можат да се забележат ученици кои се трудат да изнајдат начин за да стигнат на училиште. Родителите велат дека се изморени да протестираат за обезбедување на превоз за нивните деца.
-Нам дури и ни е срам пред медиумите за оваа работа толку години. Ова е проблем кој треба да се реши, а не проблем за кој треба да се протестира секој ден, вели Неби Ибрахими.
Денеска селото го посети претставник на Јавното сообраќајно претпријатие, кој поразговара со родителите:
-Согласно неговата изјава, проблемот е во тоа е што ЈСП нема доволно возила, а возилото кое ги превезуваше учениците е во дефект, вели Риза Ибрахими.
Претставникот на ЈСП рече дека претпријатието не располага со доволен број автобуси и дека до утре ќе се реши проблемот. ТВ21 праша и во ЈСП, но од таму велат дека имаат недостиг на возачи поради тоа што биле заразени со Ковид-19, но уверуваат дека од утре учениците ќе добијат превоз согласно договорот потпишан меѓу Чаир и Бутел.