Учениците „ослободени“ од маски во училница, во Козле се третираат само 4 деца, се затвора ковид центарот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Учениците од основните училишта се „ослободуваат“ од маските. Од утре нема да мора да ги носат за време на настава. Предлогот произлезе од Комисијата за заразни болести, а беше усвоен денеска од Владата. Укинувањето на мерката се должи на тоа што ковид-состојбата во земјава се смирува, а бројот на заразени намалува, како кај возрасните, така кај децата. Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, Бесник Зеќири, вели дека во моментов се хоспитализирани само четири позитивни деца, кои веќе деновиве ќе бидат пуштени дома.


-За среќа кога станува збор за Ковид се ближи крајот, особено кај децата. И бројките кои ги имате, деновиве бележат пад. Во моментов, во нашата болница има 4 хоспитализирани деца, кои утре или задутре ќе бидат пушени дома, вели Зеќири.

Од први април се затвора и ковид-центарот во Детската клиника „Козле“, бидејќи веќе една недела не е примено ниту едно заразено дете, вели директорот Бесник Зеќири.


-Го средуваме делот на болницата, односно ја чистиме целата болница, делот во кој досега беа сместени ковид-пациенти. Се надеваме и веруваме дека од 1 април ќе се вратиме во нормала и во нашата болница да се примаат деца со сезонски болести, алергии и сл. Се надеваме дека нема да има деца позитивни на Ковид. Минатава недела немавме ниту едно примено заразено дете. Бројот веќе е нула. Последната недела немаме ниту едно дете, така што се надевам дека по 1 април ќе продолжи ваквата ситуација и нема да има деца со коронавирус, вели тој.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за минатата недела, забележано е намалување на бројот на позитивни случаи за 7,5% во споредба со претходната седмица. Инаку најмногу заразени има кај возрасната група над 60 години, а најмалку кај децата до 9 години, односно само 51 случај за една недела. Во моментов во земјава има околу 1.800 активни случаи на Ковид-19.